Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Локвата и Вињари - мај 1903 година

Локвата и Вињари се две планински чукари кај селото Д`мбени, Костурско.

„Еден одред турска војска, бил испратен да го егзекутира селото Смрдеш, родното село на Чакаларов и Кљашев, од проста причина што важело за едно од најкомитските села во казата, во ноќта на 8 спроти 9 мај започналa престрелка над с.Смрдеш со едно мало одделение на Дичо Андонов, војвода на Смрдешката чета. Додека во планината аскерот се трудел да ги опколи борците од неколкумината вооружени селани на Дичо, друг аскер во селото започнал да ги гаѓа куќите со пушки и топови. Тој неочекуван напад, преземен доцна после полноќ, ги изненадува селаните: едни од нив спиеле по своите домови, други, посомничавите, се скриле во своите скривалишта. Штом се разденило, Турците го довршиле опколувањето на селото и на даден знак од воената труба ги нападнале од сите страни живеалиштата на луѓето. Не поминало многу време, од сите маала се издигнале пламења. Башибозукот од соседните арнаутски села на областа Девол, пристигнал во текот на ноќта, разнесувајќи ја најдената газија во разбиените дуќани и потпалувајќи ги редум куќите. Зачудените селани, барајќи спас во бегство, се натокмуваа на разјарениот џган. Во непрекинатото пукање, меѓу писоци на жени и деца, башибозукот и војниците пукале во бегалците, ги сечеле со ножеви, кршеле врати, грабале, ги измачувале луѓето за пари и најпосле ги палеле куќите. Со најголем бес ги напаѓале жените, но насекаде наидувале на отпор. Нападнатите невести и моми се заштитувале со нокти и дрвја, потпомагани од своите блиски и дури од стари баби. Големиот број на испотепани и исклани млади жени зборува за тој очаен отпор. Само едно семејство, Гуљови, дало седум жртви, од кои шест жени, паднати заштитувајќи ја својата чест.

Пожарот траел 7 часа и опепелил 240 куќи (од 300) 85 души биле испотепани и заклани, 50 души ранети, од кои многумина останале сакати. Во пожарот пропаднале и околу 80 пушки, 12 —13000 патрони и извесно количество бомби. (Во Смрдеш ималое и леарница за бомби).

Така ненадејно и брзо настапил тој удар над Смрдеш, што ниту смрдешани не успеале да се приготват за одбрана, ниту помош можело да пристигне од околните села. Дури другиот ден четите ги прибрале распрснатите домаќинства низ планината и слегле во селото, кое било целото во пепелници кои сеуште чаделе. Башибозучки одделенија пристигнале за да ги доограбат останатите куќи, но биле пречекани со плотуни и натерани во бегство.

Смрдешани се распрснале и залегнале на терет на соседните села. Нивното предвремено разурнување го поснижил духот во целата околија. Дејствијата на четите отежнале уште повеќе.

Десетина дена подоцна една од четите со Чекаларов му притекнала во помош на Митре Влавот и Л. Поп Трајков, предадени и нападнати над с. Руља, ја оттурнале војската и отепале 10 —12 Турци, пешадинци и кавалеристи, а дале само еден убиен. Војската после се нафрлила на селата Статица, Поздивишта, Кономлади, Черновишта и Дреновени, се оддала на насилства и грабежи, претепала од ќотек десетина луѓе и 25 души одвела во Битола. Прибрале и стотина пушки.

За да ја спасат положбата, раководителите на околијата наредиле селските чети да ноќеваат во планината, но и таа мерка се покажала како ризична, затоа што војската веќе ги претресувала и шумите. После се зафатиле да го прибираат оружјето и да го складираат по планините. На 30 мај, тукушто ги прибрале и сложиле пушките на с.Косинец, Чекаларов и П. Кљашев со 22 души виделе од планината, дека многуброен аскер од разни страни се влева кон селото. Две селски чети од Д`мбени од по 25 души навремено ги застигнале. Друга селска чета од 30 души, во текот на ноќта исто така се провлекла до нив. Гледајќи се окуражен со таква сила — околу 70 души, Чекаларов решил да не ја одбегнува борбата, за да им се даде една лекција на Турците, кои биле мошне многу насрчени по уништувањето на Смрдеш. Тука четите ги пречекале атаците на Турците. Борбата траела целиот ден, 31 мај, со необична жестокост, во постојано надоаѓање на нови непријателски сили и со отстапувања и напади од двет страни. На неколку пати четите напредувале и го бркале непријателот од неговите позиции. Песни ги исполнувале врвовите „Локвата" и „Вињарите". Чекаларовиот брат Георги, тешко ранет, замолил да биде застрелан. Војводата на смрдешката чета Дичо Антонов, борејќи се на најпредните позиции и застрашен од заробување, се самоубил. Три момчиња го следеле неговиот пример. Во таа борба загинал и Лаки Поповски од Смрдеш, леарот на бомбите, кој не се умори да пее и да им се заканува од својата позиција на Турците. Во текот на ноќта четите го напуштиле во ред местото на борбата, оставајќи 14 мртви. Турците се збуниле мошне многу од храброста и спротивставувањето на четниците — во поголемиот дел селани — и од многуте жртви кои ги дале: над 100 души. Смрдеш беше делумно одмазден. И после многу години децата оделе на „Локвата" и „Вињари" да собираат гилзи од борбата по тие врвови — едно од најхеројските и најкрвопролитите во текот на предилинденската епоха.“ *


* Хр.Силјанов, „Ослободителните борби на Македонија“.

<<Назад | Почеток

granicnik